Tuesday, September 25, 2012

Ах тој Александар!





Во март 2010 година ја имав среќата со најблиските да истерам десетина дена одмор на едно од рајските места на земјинава топка, наречено Хаваи.

При една од екскурзиите по островот Оаху бевме во посета на светски познатиот залив-пристаниште Pearl Harbor.
За вљубениците во историјата воопшто, а особено за оние кои професионално или аматерски се интересираат за периодот и случувањата од втората светска војна Pearl Harbor е едно од местата кои дефинитивно вреди да се посетат.

Тоа е местото каде што заради ненадејниот напад врз американската воена поморска база од страна на империјална Јапонија на 7 декември 1941 г. САД се вклучуваат во тогаш веќе разгорената втора светска војна на страната на сојузниците, а против т.н. "Троен пакт" или силите на оската Германија, Италија и Јапонија.

Педантните Американци одлично го имаат средено местото на задоволство на огромниот број секојдневни посетители. Историјата за нападот на Pearl Harbor како и за развојот на втората светска војна и учеството на Американците во неа може да се проследи низ четирите одделни места за посета. Од овие посебни историски постановки мене најмногу впечаток ми остави палубата на воениот крстосувач U.S.S. Missouri, поточно местото каде што на 2 септември 1945 г. претставниците на империјална Јапонија формално го потпишуваат безусловното предавање на сојузниците со кој чин (покрај претдходното предавање на Германија) се заокружува крајот на втората светска војна.

Едни од најважните орудија на војната, во голема мера употребувани од страна на сите најразвиени воени морнарици во втората светска војна беа подморниците. Токму подморниците, покрај авионите, беа едни од најсмртоносните за закотвените американски бродови во Pearl Harbor.

Посебниот дел од турата посветен на подморниците се нарекува USS BOWFIN SUBMARINE & PARK.



На самиот влез во музејскиот дел на турата во кој што се објаснува историското настанување на подморниците и нивната воена употреба во минатото ме дочека едно изненадување заради кое и решив да го напишам овој блог пост.
На видеото можете да видите зошто.




На интернет може да се најдат доста релевантни информации за ова на прв поглед полу-легендарно, но сепак мошне веројатно нурнување во подводниот свет на Александар Трети Македонски, познат како Александар Велики.
На македонски јазик Александар Донски во една од своите статии на порталот на "Македонска нација" има пишувано околу ова.



Како и да е, името и славата на легендарниот македонски крал-воин не стивнува ни после скоро 24 века од неговата прерана смрт.
Не верувам дека постои цивилизиран дел од планетава во кој некој не слушнал за Александар.
Само во наша Македонија заради плимите и осеките во политиката некои наши пишман аџии ту го слават, ту плукаат по него. Небаре тој им е крив за нивните слабости и недостатоци.