Friday, December 7, 2012

Македонски песни на филм и ТВ


Направив едно видео на кое се собрани многу македонски песни извадени од различни македонски филмови и ТВ серии.

Песните што се на видеото од кои некои имаат и повеќе верзии и изведби се следните:

"Со маки сум се родил јас"
"Во борба македонски народе"
"Песна за војводата Методија Патчев"
"Темен се облак зададе"
"Јовано Јованке"
"Црно му било пишано на Александро Турунџе"
"Абре Македонче"
"Нели ти реков Селим аго бре"
"Денес над Македонија" (химата)
"Бојот започна горе Крушово"

Играните и ТВ филмовите и сериите од кои се земени инсертите во видеото се наведени со наслови и години на нивното производство.



Friday, November 16, 2012

Промоција на книга


На 16 ноември, 2012 (петок) од 11:00 до 13:00 часот во салата "Милениум 1" во хотел Холидеј Ин (Скопје) ќе се одржи промоција и дебата за книгата "Децата на граѓанската војна во Грција, бегалците и политиката на сеќавањето" од Лоринг М. Денфорт и Рики Ван Бусхотен

Книгата е оригинално издадена на англиски јазик "Children of the Greek Civil War: Refugees and the Politics of Memory" од престижната The University of Chicago Press
На промоцијата всушност ќе се претстави книгата во превод на македонски јазик, во издание на ФООМ.

На настанот ќе присуствуваат и двајцата авори, а промотори ќе бидат Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја и Љупчо Ристески, професор на Институтот за етнологија и антропологија.

За оние што нема да можат да присуствуваат на промоцијата и дебатата за книгата, сајтот vozivo.mk тврди дека ќе обезбеди пренос во живо, а по извесно време на YouTube ќе биде достапна и видео/аудио снимка од настанот.


Бидејќи темата на книгата се трауматичните последици по животите на иљадниците деца кои страдаа и сеуште страдаат поради "Грчката Граѓанска Војна", во постов споделувам еден британски ТВ документарец од 1986 г. во кој се претставуваат причините и деталите за генезата на војната.

Да не должам, погледнете го видеото.



Sunday, October 28, 2012

За пишман аџиите и божемната "антиквизација" во Македонија (отворено писмо до мојот пријател Гордан Георгиев-Баци)


"Точката е интерпункциски знак. Се употребува во сите јазици и во сите го има истото значење. Означува крај, но и почеток. Почни со тоа што ќе ставиш точка и ќе кажеш: ДОСТА Е."

(мотото на една граѓанска акција смислена и спроведена од НВО секторот во 2002 г.)


Здраво стар пријателе!

Еве решив вака виртуелно да ти дојдам неканет на гости, зашто не знам веќе дали сум добредојден во реалноста.
Дојдов да ти кажам ДОСТА Е, Баци.
Се сеќаваш ли пријателе на таа кампања?

ДОСТА Е веќе во Македонија со употребата или поточно со злоупотребата на непостоечкиот и измислен термин "антиквизација".
Искрено не знам дали оваа јазична кованица ни ја смисли и лукаво подметна некој од надвор, или пак е дело на некое домашно текнувало од маштабот на превртливиот професор Данаилов-Фрчкоски, но како и да е редно е веќе сите во Македонија, а особено опозициски настроените граѓани и политички партии преку злоупотребата на тој измислен термин во политичките дебати да престанат со поигрувањето со македонската историја.
Не сум дојден да и ставам крај на таа злоупотреба преку посочувањето на безбројните сведоштва од македонската поблиска и подалечна историја за врските со Филип, Александар и античка Македонија, за кои што до сега требаше да се поднаучи секој еден Македонец, без разлика на образовното ниво. Дојден сум преку примери од твоето и од делувањето на политичката опција на која ти самиот и припаѓаш да те потсетам и тебе и сите други во Македонија дека е редно да се престане со оваа невидена и нечуена глупост од која губат сите Македонци подеднакво, без разлика на политичката или било каква друга припадност.

Она што во македонското и во странското јавно мислење пробуваат како некаква неспорна вистина да го наметнат промоторите на овој од нив измислен процес што тие го нарекуваат со непостоечкиот термин "антиквизација" е дека тој наводно започнал на крајот на декември 2006 г. со одлуката на македонската влада на чело со премиерот Груевски интернационалниот аеродром во Скопје да се преименува во "Александар Велики". Врз основа на оваа одлука, и посебно околу проектот "Скопје 2014" од опозицијата во Македонија се изгради една огромна кула од карти наречена со непостоечкиот и измислен термин "антиквизација" зад чијшто домашен параван за плукање по се' и сешто, а особено врз македонската историја, сесрдно застанаа сите соседни и некои светски осведочени негатори на македонскиот идентитет и национална самобитност.
Пријателе, за да го негира овој факт некој треба да е не само политички, туку и буквално физички слеп и глув.
Секој знае дека буквално не постои интернет страна или социјална мрежа каде некој што изјавил дека е Македонец не претрпел некаков напад во кој се плука, краде, искривува и присвојува македонската историја и култура, и сето тоа од странци кои види чудо уживаат притоа да цитираат и користат изјави за божемната "антиквизација" од наши политичари и луѓе блиски до опозицијата!!?!

Цели шест години во Македонија се изнаслушавме и изнагледавме тиради и тиради за  меѓу другото наводното "искривување на македонската историја", за "негирање на македонскиот идентитет", за наводно ширење некаков "букефализам", за тоа дека наводно ние Македонците ќе сме го "проколнеле мајчиното млеко" затоа што наводно сме "се откажале од св. Климент и св. Наум", за божемно правење на "карикатура од македонската историја", итн. итн. Во недоглед изјави, мислења, статии, па дури и квази-научни трудови во кои се напаѓа наводно зголемениот "македонски национализам", па замисли се заговара дека во Македонија постоел и "фашизам", и сето тоа сесрдно и хорски се пренесува и мултиплицира во соседството и пошироко од тие за кои никогаш не постоеле, ниту треба да постојат Македонци и Македонија. Мислам дека нема потреба да те потсетувам што и како се изнакажа и изнапиша низ последниве шест години, и кој и зошто во политичкиот и воопшто во граѓанскиот дискурс во Македонија го воведе и упорно во континуитет го промовира лажниот и непостоечки термин "антиквизација".
И после се чудите зошто е толку лесно да ви се залепи терминот "предавници"?

Зарем е потребно да те потсетувам дека и овој наш период за извесно време ќе стане минато, и некои идни историчари и хроничари на состојбите и случувањата ќе треба на идните генерации да им пренесат кој што правел и за што се залагал во времево наше.
Си се прашал ли пријателе како ќе биде оценет твојот и придонесот на твоите истомисленици во иднината?

Но ајде да не расправам по којзнае кој пат за работи за кои е кажано и напишано толку многу последниве години туку да се насочам кон она што ми е целта, а тоа е да му ставам крај на овој лажен проблем во Македонија.

Зашто како што е редот во секојдневниот живот и дома и на работа и секаде, така и во политиката кога луѓето ќе се сретнат со некој проблем, па макар колку и да е тој голем или мал, вистински или како во случајов лажен, треба да се смогнат сили истиот да се реши.
Да пријателе, да се реши, а не како што се тргнало во жална Македонија еве веќе цели шест години да се вреска и да се фрла со дрва и камења за т.н. "проблем со антиквизацијата", којшто е повеќе од очигледно дека како што волшебно е створен, така волшебно и ќе исчезне кога ќе се промени власта во Македонија, како со тоа да ќе се избрише историјата и минатото.

Значи прашањето е се промени ли од корен македонската историја, идентитет, култура, перцепција за минатото, и се' што оди во тој пакет со таа фамозна одлука интернационалниот аеродром крај Скопје, во државата Македонија да го носи името "Александар Велики"?
Овде застанувам, зашто додека го пишувам прашањево со сила се обидувам да не се насмеам горко. Не ми се верува како е можно самите да се доведеме во таква апсурдна ситуација во која воопшто се поставува прашањето за тоа дали во земја која од кога е светов и веков го носи истото име Македонија е можно (или ете за некои очигледно не е) некој објект или било што да го носи името на еден од нејзините најславни и ширум светот познати синови?
Пријателе, па зарем е можно до толку да сме се скарале со вистината и здравиот разум?
Дека сепак се работи за трагедија а не за комедија потврдува фактот дека од луѓето во чии редови се наоѓаш и ти не само што се поставуваат ваквите прашања, туку упорно се оди и подалеку во лудоста па се тврди дека со тој наводно "страшно опасен чин Македонија самата си ги минирала позициите во спорот за името"!!??
И дека ако не била спроведена божемната "антиквизација" од страна на сегашната власт Македонија одамна ќе била членка на НАТО и ЕУ, итн. итн.

Епа навистина Баци, ако е и од вас, ДОСТА Е!

Да не должам, во изданието на македонскиот дневен весник "Вест" од 27 ноември 2009 г. се појави еден текст со неверојатен наслов: "Аеродромот преименуван уште во 1992"!!!
Во него новинарката М.Костова пренесува дел од една статија со наслов "Другиот Александар" од францускиот историчар (со грчко потекло) Стефан Јерасимос напишана во април 1992 г. и објавена во вториот број на угледното француско списание за меѓународни односи "Политик Етранжер", во истата 1992 г.
Во неа на страна 307 се вели:
"Денешна Грција си игра со тоа што се плаши самата себеси, предимензионирајќи ги провокациите кои нејзините соседи си земаат итро задоволство да ги мултиплицираат: печатење на Белата кула во Солун на македонските банкноти, името Александар Велики дадено на аеродромот во Скопје, дистрибуција на карти во кои границите играат валцер, извикување слогани на спортските натпревари, итн.. Таа одговара на овие провокации, организирајќи манифестации во Солун, на кои толпата извикува дека Александар е Грк."

Што ќе кажеш на ова пријателе?

Во најмала рака ова е цврст доказ дека ако ништо друго, тогаш барем идејата за таквото именување на аеродромот воопшто не е донесена во 2006 г.
И како по обичај ни еден од прашаните македонски политичари ништо не чул и ништо не знае за ова.

Помеѓу 1992 и 2006 поминаа цели 14 години, или два пати по толку колку што се предвидуваше со член 23, став 2 од датумот на потпишувањето на "Времената спогодба" (септември, 1995 г.), како период после кој "секоја од страните може да се повлече од оваа Привремена согласност со писмено известување што ќе влезе во сила дванаесет месеци по неговото доставување до другата страна."

Ајде уште малку да се задржиме на таа 1992 година.
Во неговата колумна од 11 јули, 2012 г. објавена во македонскиот дневен весник "Нова Македонија" со наслов "Зошто Скопје 2014" професорот Ѓорѓи Сламков постави едно одлично прашање кое можеби поради летната сезона или можеби намерно, не беше одговорено и соодветно третирано од никој, а тоа гласеше:

"Неверојатно е како некои политичари од опозицијата се исмејуваат со спомениците, притоа го користат терминот „антиквизација“. Тие или не ѝ даваат значење на својата историја или од голема желба за власт немаат време за идентитетски прашања. Овде би прашал, зарем тоа не се истите политичари што гласаа за донесување на првото знаме на Република Македонија – „ѕвездата од Кутлеш“ на 11 август 1992 година, за тоа постојат стенографски белешки, или имаме двојни аршини во зависност од дневнополитичките потреби."

Еве пријателе, бидејќи си помлад јас преку споменатите стенографски белешки накратко да те потсетам и тебе и целата македонска јавност на некои од зборовите што беа изречени од говорницата во македонското собрание. И уште поважно од кого и каков закон за знамето (со "ѕвездата од Кутлеш") беше изгласан на првото продолжение на таа сега фамозна 41 седница на македонското собрание, одржана на 11 август 1992 г.

Откако тогашниот претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов констатирал дека "Собранието го донесе законот за знамето на Република Македонија", по што следел аплауз, тој почувствувал за важно да ги изрече и овие зборови:

"Дами и господа пратеници, ние денес го донесовме Законот
за знамето на Република Македонија. Ние имавме вложено
многу големи напори да биде нашата сала овде полна и во
донесувањето на овој закон да учествуваат сите пратеници,
сите пратенички групи, но еве се случи покрај сите напори
пратениците од Пратеничката група на ПДП-НДП од албанска
националност да не присуствуваат овде. Сакам да ја
изразам мојата надеж дека причините за нивното
неприсуство се од дневно- политички карактер, а дека тие
исто како нас ќе сакаат ова знаме на Република Македонија
гордо да се вее секаде каде што ќа биде претставувано.
Затоа го честитам овој чин и мислам дека со ова го
удривме вистинскиот камен кој досега ни недостасуваше за
државноста на Македонија."

по што повторно следел аплауз.

Од погорното може да се увериме дека:

1. Господинот Тито Петковски кој оваа година од говорницата на истото македонско собрание не канеше со Грција да сме договореле "географска одредница" за името на Македонија, па како на пазар си наддаваше "Горна", "Северна"… како што гледаме во 1992 г.бил раководител на работната група што ги координирала активностите за изработка на државните симболи и под негово водство се избрал најсоодветниот предлог за изгледот на државниот симбол--знамето на Република Македонија:

"…По спроведените активности, врз основа на извештајот
на работната група, Комисијата за уставни прашања на
седницата од 9 јуни 1992 година, заклучи знамето на
Република Македонија да биде црвено со апликација на
жолто златно сонце. Од понудените варијанти за изгледот
на сонцето што ќе се аплицира на црвеното знаме, работ-
ната група го предложи решението на авторот под шифра
"ФЕНИКС 92", оценувајќи дека од естетски и професионален
аспект најмногу одговара на поставените барања и дека ќе биде
општо прифатено од граѓаните на Република Македонија
…"

Како беше она: "и сонцето е ѕвезда", ти текнува?

2. Таквото знаме за државен симбол на Република Македонија било најлегално изгласано од Собранието на Република Македонија со законски предвиденото 2/3 мнозинство на седницата од 11 август 1992 г., при што од вкупно 120, 'ЗА' гласале 88 присутни пратеници.
На седницата отсуствувале сите 23 пратеници од албанска националност, од кои 1 го најавил и оправдал своето отсуство, од што можеме да заклучиме дека и СДСМ во чии редови тогаш беше и Тито Петковски, како и тогашниот претседател на собранието Стојан Андов гласале за тоа знаме!

Па еве пријателе, после презентираново и јас да го парафразирам и да ти го упатам директно тебе прашањето на професорот Сламков:
Имаш двојни аршини во зависност од дневнополитичките потреби?

Да се префрлам сега малку на времето кога СДСМ повторно беше на власт во Македонија, во периодот помеѓу 2002-2006 г.
Би сакал ако не ти е тешко пријателе да ми ја прокоментираш насловната страница на официјалниот Билтен на Министерството за Финансии на Република Македонија за месеците јануари-февруари-март од 2003 година, кога тоа беше пополнето со кадри на СДСМ.

Можеби на досега презентираново ќе ми речеш "па што, ништо страшно".

Добро пријателе, твое право.
Арно ама јас имам уште за кажување и покажување.

Главниот "адут" во рацете на домашните и странските промотори на непостоечката "антиквизација" е проектот "Скопје 2014".
Токму за него ти имаш изречено безброј негативни зборови. Навистина во последниве неколку години се чини како да беше опсесиран со божемната "антиквизација" и проектот "Скопје 201", па во сите тие твои искази и пишувања околу ова, меѓу другото имаш поставено и некои прашања на кои се чини ако не пошироката јавност, тогаш самиот ти како човек од врвот на политичката партија СДСМ би требало да ги знаеш одговорите.
Да не ти одземам премногу време и простор, еве ќе ти дадам еден пример од твое учество во една дебата одржана во декември 2010 г. токму за проектот "Скопје 2014" каде што партнер ти беше Ким Мехмети, а опоненти Илија Димовски и Александар Станковски.
Во неа пријателе ти неколку пати го повтори истото:

"Политичко-психолошки елемент (на проектот Скопје 2014). Владетелот, авторот, за којшто никој не кажал досега кој е авторот на овој проект, јас си имам свое мислење, но никој од владејачката партија или од овие перјаници на авторот не го кажуваат со име и презиме, сака да почне ново броење на времето. Тоа да почне од него лично. Авторот којшто си замислил една тотална, тотално тоталитарна варијанта за своето време, којшто и самиот вели дека милениумите ќе го покажат значењето на Скопје 2014, всушност влегува во една би рекол испреплетена мрежа на аргументи коишто сега ни се сервираат дека навистина Скопје 2014 е всушност Македонија 2014, дека проектот всушност значело скаменување на времето…"

"Кажав многу отворено и многу јавно, зошто мислам дека е политичко-психолошки проект, затоа прашав кој е авторот на проектот? Кога ќе разговарате со луѓето од владејачката партија никој не знае да ви каже кој е авторот на проектот. Кога идете по вертикала од долу-нагоре, сите викаат абе не сум јас, можеби згрешивме. Илија не сум го прашал конкретно, ама ве уверувам дека прашајте ги, ќе ви кажат не сум јас. Кога ќе видиме кој е авторот на проектот. Кој е човекот лично, со име и презиме којшто го замислил тој во три димензии и сака да го преслика во реалноста, ќе видиме дека се работи за една навистина авторитарно-тоталитарна манија."

"…тие што сакаат по секоја цена да избегаат кога зборуваме на тема за проектот Скопје 2014 од политика и од партии, мислам дека жестоко се лажат. Реков многу пати, намерно инсистирам, како папагал испаѓа дека повторувам дека е еминентно политички проект. Ацо (Станковски) убаво кажа владетелот. Значи кога велам кој е авторот? Владетелот е авторот. Идеолошкиот татко на проектот е владетелот во оваа држава моментално. Во таа смисла, не треба да бегаме од политика."

Искрено се надевам пријателе дека "збунетоста" околу тоа кој е авторот на проектот "Скопје 2014" одамна те напуштила. Зашто ако добро се сеќавам уште кога во македонската јавност се промовираше идејата за почетокот на неговата реализација, веднаш вие промоторите на измислената "антиквизација" од опозицијата му се нафрливте со погрдни зборови и квалификации, а власта само срамежливо преку соопштение посочи дека е тоа сепак ваш т.е. проект на СДСМ, осмислен и изгласан во советот на град Скопје уште во 2004 г. Ама тоа беше удавено во медуимската харанга против проектот, и пошироката домашна, а особено странската јавност не ги дозна овие детали.

Во меѓувреме не прстануваа партиските препукувања, во кои ти и твојата партија упорно споменувавте некаква наводна "промена на македонската историја" и божемна "антиквизација" која не демнела заради проектот "Скопје 2014".
(Вечер, 9 февруари, 2010)
"Ако не свика референдум по ова клучно прашање за иднината на Скопје, но и за иднината на нашиот идентитет, веќе никој нема да му верува дека навистина се грижи за мислењето на народот, вели Георгиев."

Поранешниот премиер и претседател на Република Македонија, и по се' изгледа неприкосновен лидер на твојата партија СДСМ Бранко Црвенковски, на преминот меѓу 2010 и 2011 година во своето новогодишно обраќање кон граѓаните на Република Македонија го постави следново прашање:
(30 декември, 2010)
"За каков концепт на држава сме? За европска или античка Македонија?"

Во следните неколку месеци додека во Македонија се загреваше атмосферата за предвремени парламентарни избори, твојот и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во скоро сите свои јавни настапи на македонските медиуми го поставуваше истото прашање:
(Алсат-М, 10 февруари, 2011)
"Македонија, сите ние што живееме во неа, ама буквално сите, сите граѓани, ќе треба конечно да се соочиме со предизвикот и да го дадеме одговорот. Сакаме европска Македонија, или сакаме античка Македонија? Сакаме да работиме за нашата иднина и перспектива, апропо вашето прашање, или ќе останеме закопани во историјата, со сите проблеми, контраверзи и фрустрации што различни историски периоди ги носат со себе?"

(АлфаТВ, 17 февруари, 2011)
"Значи конечно како народ мораме да се соочиме со нашата катарза или со големиот предизвик. Дали сме за европска Македонија, или сме за античка Македонија?"

И ти пријателе, на од прилика месец дена пред веќе договорените и објавени предвремени парламентарни избори во 2011 г., во зовриената политичка атмосфера имаше свој настап на сега веќе згаснатата ТВ станица "А1", па таму меѓу другото, го кажа и следново:
(А1, 4 мај, 2011)
"Ако ме прашувате конкретно за Александар Велики, или Коњаникот како што го нарекуваат сега во последно време, да, ние во еден друг дел од програмата (предизборна на СДСМ) околу Македонија и ЕУ имаме јасно ставено до знаење дека ќе го прекинеме т.н. политички процес на антиквизација. И јас топло му препорачувам на владетелот во моментов, којшто се вика Никола Груевски, којшто сака да го оспоменичи своето владеење преку проектот Скопје 2014, топло му пепорачувам да не го става споменикот на Александар Македонски…"

Најблаго речено кажаното е обид за манипулација со вистината, а најстрашно е што оваа твоја изјава е само една во океанот од слични изјави, кои ако би ги собрал на едно место би ми требало томови и томови за да ги презентирам.

На 31 јануари во оваа 2012 г. во свој напис со наслов "Ако баба лаже, рог не!" на веб порталот "Македонска Нација", претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров за прв пат во јавноста (зашто предходно ни еден македонски медиум не го имаше сторено тоа) ги објави деталите од она што го осмислиле и изгласале твоите сопартијци, членовите на СДСМ во својство на советници и претседавач на Советот на Град Скопје во посочената 2004 година.
И таму јасно стои дека според донесената програма градот Скопје се определува за подигање на спомен-обележје на повеќе личности, меѓу кои прв е Александар Македонски, па следат Јустинијан, Цар Самоил, итн.

Но и ова помина буквално не забележано, и никој од СДСМ или било кој од тие што упорно и насекаде се обидуваат во јавниот дискурс да ја наметнат божемната "антиквизација" не се одважи да го искоментира а камо ли демантира написот.
Нејсе.
Поголемата јавна промоција дека идејата на проектот е сепак дело на СДСМ дојде дури летово, кога Али Ахмети лидерот на албанската партија ДУИ застапена во власта го кажа тоа во своето интервју од 11 јуни, 2012 со новинарот Роберт Поповски во емисијата Х/0 на македонската Канал5 телевизија. Изјава после која од немајкаде твојата сопартијка Павловска-Данева, која е исто така потпретседател на СДСМ, во вешто испревртеното соопштение за јавноста сепак мораше да признае дека:
"СДСМ нема ништо против оддавање на почит кон ликот и делата на значајни историски личности во Република Македонија, вклучително и на Александар Македонски…"

Значи повторно на дело се покажа и докажа двојниот аршин.
Едноставно неверојатна и несфатлива дихотомија помеѓу она за што наводно се залагате и против што се борите (измислената "антиквизација"), со делата што сте ги направиле, и изјавите што ги давате кога сте притиснати до ѕид…

Дополнително на сето ова, еве пријателе тука како доказ ти ја приложувам и целосната програма, онака како што била осмислена и изгласана од твоите сопартијци од СДСМ, и како што ја објавил Службениот Весник на Град Скопје, на 14 декември, 2004 г.
Таа уредно си стои во нејзината целост на интернет, достапна за секој.

Особено ми е интересен делот во кој се објаснува како и од каде се предвидува финансирањето на таа програма.

Она што запрепастува е фактот дека ти како потпретседател на СДСМ во никој случај не си можел да не знаеш за ова, или да бидеш лошо информиран, па да правиш несвесни грешки за истото, туку напротив. За целото време, знаејќи ги од прва рака работиве што ги презентирам тука, и ти и сите други т.н. "борци против антиквизацијата" не престанувате бесрамно да ја лажете и домашната и странската јавност за наводното искривување на историјата во Македонија, и ред други глупости на чиј врв стои од ваша страна јавно искажаната подготвеност за промена на името на Република Македонија!!?!

Да се работи за некој неписмен човек, кој не знае понатака од носот што би се рекло, па ајде некако и да се обидам да ја разберам оваа неподнослива превртливост и способност упорно да се промовира оваа незамислива лага. Ама ти си млад човек којшто може да се пофали со стекнато образование од врвни странски образовни институции, а воедно беше вмешан и во македонската "Школа за политика".
Епа драг Баци, на вакви ли способности ги подучуваше тие што решиле да се учат за политичари?
Ако е така, и ако до сега во Македонија не тргнало на подобро токму од многубројните недоветни политичарчиња и политиканти, тогаш којзнае што ќе стане кога твоите ученици ќе ги превземат работите во свои раце… ако до тогаш со продолжувањето на ваквите "политики" воопшто остане нешто од Македонија.

Се надевам пријателе дека од погоре кажаново ако не другите, барем ти веќе никогаш нема да го употребуваш и злоупотребуваш измислениот термин "антиквизација", и со тоа да им долеваш масло на оган на сите можни плукачи и негатори на Македонија и Македонците, туку напротив. Легитимната политичка борба треба и ти и сите други што во Македонија се борат да ги добијат гласовите на народот да ја водите со достоинство и принципи. При што никогаш и по никоја цена нема да се газат и занемаруваат македонските национални интереси, или со лаги и измислени термини да се исмејува македонската историја и култура.

Искрено се надевам дека денешниот митинг што македонските опозициски партии на чело со твојот СДСМ решивте да го правите на плоштадот "Македонија" во центарот на Скопје, на сите вас што ете толку време ја замајувавте и лажевте македонската и светската јавност со промовирањето на измислената "антиквизација" ќе ви даде прекрасна шанса за конечно поклонување и барање прошка пред споменикот на најславниот Македонец во светот.


"Точката е интерпункциски знак. Се употребува во сите јазици и во сите го има истото значење. Означува крај, но и почеток. Почни со тоа што ќе ставиш точка и ќе кажеш: ДОСТА Е."


П.С.
Не знам пријателе колку вреди твојот збор во организацијата на митингот, ама на мене лично, а верувам и на сите Македонци ќе ни биде посебно драго ако во првите редови, или како говорник вечерва го видиме поранешниот градоначалник на Кочани, и министер во владата на Република Македонија, а сегашен член на Централниот Одбор на СДСМ, господинот Љубомир Јанев.







Tuesday, September 25, 2012

Ах тој Александар!





Во март 2010 година ја имав среќата со најблиските да истерам десетина дена одмор на едно од рајските места на земјинава топка, наречено Хаваи.

При една од екскурзиите по островот Оаху бевме во посета на светски познатиот залив-пристаниште Pearl Harbor.
За вљубениците во историјата воопшто, а особено за оние кои професионално или аматерски се интересираат за периодот и случувањата од втората светска војна Pearl Harbor е едно од местата кои дефинитивно вреди да се посетат.

Тоа е местото каде што заради ненадејниот напад врз американската воена поморска база од страна на империјална Јапонија на 7 декември 1941 г. САД се вклучуваат во тогаш веќе разгорената втора светска војна на страната на сојузниците, а против т.н. "Троен пакт" или силите на оската Германија, Италија и Јапонија.

Педантните Американци одлично го имаат средено местото на задоволство на огромниот број секојдневни посетители. Историјата за нападот на Pearl Harbor како и за развојот на втората светска војна и учеството на Американците во неа може да се проследи низ четирите одделни места за посета. Од овие посебни историски постановки мене најмногу впечаток ми остави палубата на воениот крстосувач U.S.S. Missouri, поточно местото каде што на 2 септември 1945 г. претставниците на империјална Јапонија формално го потпишуваат безусловното предавање на сојузниците со кој чин (покрај претдходното предавање на Германија) се заокружува крајот на втората светска војна.

Едни од најважните орудија на војната, во голема мера употребувани од страна на сите најразвиени воени морнарици во втората светска војна беа подморниците. Токму подморниците, покрај авионите, беа едни од најсмртоносните за закотвените американски бродови во Pearl Harbor.

Посебниот дел од турата посветен на подморниците се нарекува USS BOWFIN SUBMARINE & PARK.



На самиот влез во музејскиот дел на турата во кој што се објаснува историското настанување на подморниците и нивната воена употреба во минатото ме дочека едно изненадување заради кое и решив да го напишам овој блог пост.
На видеото можете да видите зошто.




На интернет може да се најдат доста релевантни информации за ова на прв поглед полу-легендарно, но сепак мошне веројатно нурнување во подводниот свет на Александар Трети Македонски, познат како Александар Велики.
На македонски јазик Александар Донски во една од своите статии на порталот на "Македонска нација" има пишувано околу ова.



Како и да е, името и славата на легендарниот македонски крал-воин не стивнува ни после скоро 24 века од неговата прерана смрт.
Не верувам дека постои цивилизиран дел од планетава во кој некој не слушнал за Александар.
Само во наша Македонија заради плимите и осеките во политиката некои наши пишман аџии ту го слават, ту плукаат по него. Небаре тој им е крив за нивните слабости и недостатоци.


Friday, February 3, 2012

"Во почетокот беше ДЕЛО!"

"ФАУСТ" на Јохан Волфганг Гете треба да биде задолжителна лектира за секого што има барем малку ниет за развој на сопствените интелектуални и духовни способности.


Неодамна се потсетив на еден пасус стихови од "ФАУСТ" на Гете што уште одамна ми останале во сеќавање. Препрочитувајќи ги деновиве сфатив дека сеќавањето се должи на мајсторијата на преведувачот што на брилијантен начин успеал генијот на Гете од оригиналот да го преточи на преубав македонски јазик.


Знам да читам и да пишувам на неколку јазици, ама за жал не и на германски.
Еве го пасусот за кој станува збор во оригиналот на Гете:




Чисто заради споредба приложувам и еден превод на истиот пасус на англиски јазик:




Да ја прошириме споредбата и со еден превод на руски јазик:





На крајот според моето скромно мислење ви го давам и преводот на овие стихови на нашиот македонски јазик направен од Душан Томовски. Мислам дека не сум воопшто субјектвен ако кажам дека овој превод е најубав од сите останати.


Проценете сами:




"Во почетокот беше ДЕЛО!"