Sunday, December 4, 2011

Тајните на Америка



Изминативе месеци во Македонија се случуваат настани со страотна брзина чие значење и влијание врз политичките и општествените процеси допрва ќе треба да се согледува и открива. Добрите историчари и аналитичари знаат дека за било каква подлабока анализа ќе треба да помине извесно време, а тоа е комодитет којшто не можат да си го приуштат оние кои ги донесуваат одлуките по целиот свет па така и кај нас.
Од поважните настани во односите со ЕУ секако е посетата на еврокомесарот за проширување Штефан Фуле такаречи во предвечерјето на испорачувањето на извештајот за напредокот на Македонија којшто неговиот тим го спреми за оваа 2011 година. Од таа“посебна” посета покрај тоа што дознавме дека господинот Фуле е “оптимист и дека очекува до крајот на годината да биде решен спорот за името” тој воедно мошне индикативно реши посетата да ја искористи и за чествување на 10-годишнината од донесувањето на охридскиот рамковен договор, но не и на 20-годишнината од независноста на Македонија без која не би имало никаква потреба ни од било каков последователен договор како охридскиот.
Околу месец дена подоцна го добивме на увид и тој сега фамозен извештај за напредокот на Македонија што го спреми комисијата за проширување на ЕУ на чело со господинот Фуле, во кој повторно апсолутно намерно ја нема придавката “македонски” за било кој наш атрибут, вклучувајќи го и јазикот. Ако “оптимизмот” на г-динот Фуле за решавање на спорот за името до крајов на годинава се темели на оваа насока зададена во извештајот со која се сака да се избрише терминот “македонски” сериозно се лаже, за што сведочи и лавината оправдани реакции од сите институции и поединци во Македонија по повод истиот.
Во меѓувреме се случија и оние најблаго речено “несреќни” испади на германскиот европратеник со грчко потекло Шацимаркакис, којшто својот менталитет и светоглед на најдобар можен начин ни го отслика со вулгарноста искажана на грчки јазик кон неколкуте наши новинари кои отидоа да земат учество на некаква си панел дискусија за слободата на медиумите организирана во седиштето на ЕУ во Брисел. Уште од древни времиња е познато дека луѓето во стресна и афектна состојба привремено ги губат своите когнитивни способности и се ослонуваат на примарните делови од нивната психа како употребата на мајчиниот јазик. Секако најеклатантен пример за ова е повикот на македонски јазик кон своите стражари од страна на Александар Трети македонски, познат како “велики” кој бил во таква стресна состојба после убиството врз еден од своите најверни пријатели и следбеници Клит на еден банкет-пијанка во Азија. И наместо неодамнешната посета на Македонија овој господин да ја искористи за да ја поправи сликата за себе а преку тоа и за вистинските намери на ЕУ естаблишментот кон нас, тој уште повулгарно среде Скопје смислено се обиде на мала врата да протне уште еден грчки тројански коњ–имено небулозниот предлог на Евангелос Кофос со кој нашиот јазик насекаде во светот нема да се преведува на јазиците на кои ќе се зборува или пишува за него туку секаде на латиница да стои “makedonski”[sic]. На сето ова, за да нема забуни за неговата вистинска намера ја додаде инсинуацијата дека за неколкуте реченици што ги изрече на македонски јазик ќе се бунела Бугарија, зашто демек неговиот “изговор бил помалку бугарски”[sic]. Но што друго да очекуваме од човекот чијашто академска докторска титула во Германија е поништена заради плагијаторство (читај=препишување туѓи мислења без да се цитира изворот и со тоа нивно претставување како свои).
Нејсе, како што рекле старите “секое чудо за три дена”, и еве веќе подзабораваме на овие настани затоа што следнава недела сме во очекување на објавата на пресудата на меѓународниот суд во Хаг каде државата Македонија ја тужи државата Грција за попречување на нејзиното членство во меѓународните организации каде втората е веќе членка. Без да навлегуваме во правната поткрепа и издржаност на таква една тужба и нејзините вистински импликации за националните интереси на Македонија и Македонците (за кои во неколку наврати во весников пишувале еминентни правни експерти) мора да се признае дека одлуката на судот ќе има и директни а особено и индиректни последици на долг рок во односите на двете земји и народи. Исто така таа ќе биде важна и за перцепцијата за Македонија и Македонците и Грција и Грците од остатокот од светот. Особено кога од ЕУ веќе стигаат некои срамежливи најави дека унијата ќе ги следи решенијата на судот.
На меѓународен план пак освен тешката финансиска криза во ЕУ и огромниот надворешен долг што се заканува да ја парализира работата на државните институции во САД не стивнуваат ни случувањата од т.н. “арапска пролет”, којашто веќе стана длабока есен и неминовно оди кон студена зима. А како главен подтекст на сето ова, а некои велат и директен иницијатор, е интернет феноменот наречен Викиликс којшто повеќе од година дена не стивнува со своето откривање, публикување или поточно “истекување” на т.н. забранети или тајни документи од преписките и разговорите помеѓу американските дипломати со нивните колеги, но и високи државни службеници, премиери, претседатели и министри на владите и државите од скоро целиот свет.
Во ист манир во предвечерјето на објавата на одлуката на судот во Хаг, а особено на во исто време најавената посета на потпретседателот на САД Џозеф Бајден на соседна Грција, што некои го коментираат како обид да се намали штетата што ќе и се нанесе на Грција со пресудата, еве и јас ќе се дрзнам овде да објавам една дипломатска преписка од американски извор.
Сепак нека не се тревожат американските дипломати или тајните служби затоа што писмото што јас овде ќе го објавам иако е од највисоките функционери во надворешната политика на САД има постар датум, и веќе одамна (на почетокот на 19 век) е објавено во аналите на “Дипломатската Коресподенција на Американската Револуција”. Па сепак според моите скромни познавања е непознато за македонската јавност, вклучувајќи ги и историчарите. Имено се работи за еден пасус од едно писмо коешто Џон Адамс му го испратил на Роберт Ливингстон во далечната 1783 година, а кој има извонредно значење и импликации во врска со т.н. “спор околу името” што Грција го има со Македонија.
Пасусот во мој превод гласи вака:
“Проектот за ослободување на целата земја на античка Грција, Македонија и Илирик, и подигање на независни републики во тие славни столици, колку сјајно и да изгледа во шпекулација, најверојатно нема да добие должно внимание од двете империи (се мисли на Австрија и Русија, заб. м.), затоа што е непрактичен. Грците денеска, иако се зборува дека имаат имагинација и генијалност, се корумпирани во своите морални начела до таков степен да постанале неверна, перфидна раса, бедна со храброст, како и со оние принципи на чест и доблест без кои нациите не може да имаат доверба помеѓу себе, ниту да им се верува од другите.”
(Sparks, Jared ed. “Diplomatic Correspondence of the American Revolution”, Vol. VII., 1830, p. 86)

Ете тоа го запишал Џон Адамс во своето писмо напишано во Париз и испратено до Роберт Ливингстон во далечната 1783 година, и тоа на 14 јули, денот на кој само 6 години подоцна ќе почне еден од најважните настани во европската, а по своето подоцнежно влијание и во светската историја—-Француската Револуција.
Би сакал тука да појаснам кои се личностите Џон Адамс и Роберт Ливингстон и какво е нивното значење и влијание пред се во Американската политика и историја, а со нивното делување особено и на европската.
Џон Адамс е еден од најпознатите и најценети американски државници и дипломати, тој е еден од седумтемина “татковци” на САД (Founding Fathers of the United States of America), предлагач и потписник на американскиот најсветол документ “Декларацијата за Независност” и Уставот на САД. Тоа е човекот што служеше како прв потпретседател на САД кога функцијата претседател на САД за прв пат ја извршуваше Џорџ Вашингтон, за да подоцна го наследи на таа функција и да остане запишан во историјата како вториот претседател на САД.
Роберт Ливингстон од друга страна е човекот којшто во историјата ќе остане запишан како првиот секретар на “Стејт Департментот” т.е. шеф на дипломатијата на САД (функцијата што денеска ја извршува г-ѓа Хилари Клинтон).
Со други зборови тоа се луѓето што се меѓу неколкутемина најзаслужни за формирањето на САД.
Но да се навратиме на самото писмо и неговата содржина. Тоа во својата целина не се однесува специфично на Македонија или Грција туку е обид на тогаш младата американска дипломатија за либерализација на тргувањето и отварањето на водните патишта во Европа. Во краткото објаснување дадено за секое од писмата поместени во цитираната публикација уредникот Џаред Спаркс за ова писмо на Адамс до Ливингстон ќе запише:
“Ексклузивната политика на европските сили во однос на трговијата.–Погледите на Австрија и Русија кон Црното Море, Дунав, Архипелагот (се мисли на островите во Егејското Море), и Турција.”
(Ibid., p. viii. ‘contents’).
Ова убаво го објаснува и мудриот Џон Адамс уште во првите реченици од своето писмо до Ливингстон каде ја образлага американската наспроти позицијата на некои од европските сили по овие прашања.
“Господине,
САД ги пропагираа на долго и на широко по Европа идеите за слобода на навигацијата (по воден пат, заб. м.) и трговијата. Меѓутоа, европските сили сеуште не се сложуваат за нивно потполно прифаќање. Секоја од нив посакува да го задржи ексклузивното право над некое одредено море или река, а сепак да го ужива правото и да плови по останатите.”
(Ibid., p. 85)
Во продолжение пак на првиот цитиран пасус кадешто одделно ги набројал Грција и Македонија Џон Адамс напишал:
“Проектот за освојување на провинциите Албанија (во оригиналното писмо запишана како Albany, заб. м.), Румелија, Влашка, Молдавија, и Мала Татарија од Турците, и нивната поделба помеѓу двете империи (Австрија и Русија, заб. м.) можеби е поверојатно; но Турците во Азија и Европа подеднакво се многу моќни, и ако потполно се разбудат може да направат огромно спротивставување; така што најверојатно е двата империјални двора да се задоволат со добивањето, преку преговори или со оружје, слободна пловидба по Дунав, Црното Море, и Архипелагот. Оваа слобода самата по себе ќе придонесе за голема револуција во трговијата на Европа.”
Како што можеме да забележиме Џон Адамс имал извонредно познавање на приликите и состојбите во Европа и на Балканот во тоа време. Историчарите многу добро знаат дека интересите токму на руската и австриската круна (која подоцна стана австро-унгарска) како што гледаме уште од тој период па низ целиот 19 и почетокот на 20 век биле тие чие совпаѓање, испреплетување и директно спротивставување ќе ги диктираат настаните и случувањата на Балканот и односите на сите народи и земји под владеењето на турската отоманска империја, а особено на Македонија.
Останува фактот дека Џон Адамс, еден од “татковците на САД” и нивниот втор претседател правел јасна разлика и дистинкција помеѓу Македонија и Грција и се залагал со американска помош и двете земји да се ослободат од турското владеење и да создадат независни републики (читај=демократии). Под “Илирик” секако се подразбираат останатите земји од просторите на поранешна Југославија. Неговиот план делумно беше остварен пред се со напорите на европските фил-хелени коишто ревносно помогнаа Грција да се ослободи од турското владеење но не и дозволија да создаде република или демократија туку и инсталираа кралска монархија од една од европските кралските лози. Од друга страна Македонија наместо добивањето слобода го продолжи своето ропство уште долги години. И во моментите кога со надчовечки напори се правеа востанија и се обидуваше да се дојде до својата слобода и независност потпирајќи се на сопствените сили и непомогната од никого (заради кои принципи жестоко страдаа токму Македонците) Македонија и Македонците ја промовираа токму републиканската идеја за која се застапувал и Џон Адамс.
Оригиналниот ракопис од писмото се чува во националната архива на САД.
Гоце Панговски
П.С. Написот е напишан и испратен за објавување до редакцијата на весникот “Нова Македонија” на 2 декември, 2011 г.

No comments:

Post a Comment