Tuesday, December 6, 2011

Тајните на Америка - REDUX

Државниот ентитет наречен “Соединети Американски Држави” во мугрите на своето постоење имаше таква среќа клучните луѓе заслужни за нивниот постанок да се исклучителни ерудити, извонредни правници, прагматични дипломати и воопшто личности кои во своите редови би посакал да ги види секој народ и нација.
Меѓу плејадата најзначајни фигури за постанокот на САД и првите декади од нивното постоење и етаблирање на меѓународната сцена секако се светски познатите имиња на Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон, Бенџамин Франклин и неколку други личности меѓу кои секако според своето значење и придонес спаѓа и Џон Адамс.
Џон Адамс е еден од најпознатите и најценети американски државници и дипломати. Тој е еден од седумтемина “татковци” на САД (Founding Fathers of the United States of America), предлагач и потписник на американскиот најсветол документ “Декларацијата за Независност” и Уставот на САД. Тоа е човекот што служеше како прв потпретседател на САД кога функцијата претседател на САД за прв пат ја извршуваше Џорџ Вашингтон, за да подоцна го наследи на таа функција и да остане запишан во историјата како вториот претседател на САД.
Во 1783 година Џон Адамс и служи на младата американска држава како нејзин “комесар во Франција”, “ополномоштен амбасадор на САД во Холандија”, и како еден од “комесарите на САД (заедно со Бенџамин Франклин и Џон Џеј, заб. м.) во преговорите за потпишувањето на мировниот договор (од војната за независност со Велика Британија)”.
(Sparks, Jared ed. “Diplomatic Correspondence of the American Revolution”, Vol. VII., 1830, p. 1)
Од ова време тој има честа и мошне исцрпна коресподенција со другите важни личности за американската независност и државност за сите подробности од неговата дејност во Европа и во бранењето на американските интереси. Целата негова како и коресподенцијата на другите најзначајни американски дипломати и државници од тоа време е уредно архивирана и објавена во повеќетомно издание наречено “Дипломатската Коресподенција на Американската Револуција” уште на почетокот на 19 век.
Во еден пасус од едно писмо зачувано во оваа коресподенција на Џон Адамс до Роберт Ливингстон од 14 јули 1783 г. го читаме следното:
“Проектот за ослободување на целата земја на античка Грција, Македонија и Илирик, и подигање на независни републики во тие славни столици, колку сјајно и да изгледа во шпекулација, најверојатно нема да добие должно внимание од двете империи (се мисли на Австрија и Русија, заб. м.), затоа што е непрактичен. Грците денеска, иако се зборува дека имаат имагинација и генијалност, се корумпирани во своите морални начела до таков степен да постанале неверна, перфидна раса, бедна со храброст, како и со оние принципи на чест и доблест без кои нациите не може да имаат доверба помеѓу себе, ниту да им се верува од другите.”
(Ibid., p. 86)

John Adams passage about Macedonia, letter from July 14th, 1783
Ете тоа го запишал Џон Адамс во своето писмо напишано во Париз и испратено до Роберт Ливингстон во далечната 1783 година, и тоа на 14 јули, денот на кој само 6 години подоцна ќе почне еден од најважните настани во европската, а по своето подоцнежно влијание и во светската историја—-Француската Револуција.
Роберт Ливингстон е човекот којшто во историјата ќе остане запишан како првиот секретар на “Стејт Департментот” т.е. шеф на дипломатијата на САД (функцијата што денеска ја извршува г-ѓа Хилари Клинтон).
Писмото во својата целина не се однесува специфично на Македонија или Грција туку е обид на тогаш младата американска дипломатија за либерализација на тргувањето и отварањето на водните патишта во Европа. Во краткото објаснување дадено за секое од писмата поместени во цитираната публикација уредникот Џаред Спаркс за ова писмо на Адамс до Ливингстон ќе запише:
“Ексклузивната политика на европските сили во однос на трговијата.–Погледите на Австрија и Русија кон Црното Море, Дунав, Архипелагот (се мисли на островите во Егејското Море), и Турција.”
(Ibid., p. viii. ‘contents’).
Ова убаво го објаснува и самиот Џон Адамс уште во првите реченици од своето писмо до Ливингстон каде ја образлага американската наспроти позицијата на некои од европските сили по овие прашања.
“Господине,
САД ги пропагираа на долго и на широко по Европа идеите за слобода на навигацијата (по воден пат, заб. м.) и трговијата. Меѓутоа, европските сили сеуште не се сложуваат за нивно потполно прифаќање. Секоја од нив посакува да го задржи ексклузивното право над некое одредено море или река, а сепак да го ужива правото и да плови по останатите.”
(Ibid., p. 85)
Во продолжение пак на првиот цитиран пасус кадешто одделно ги набројал Грција и Македонија Џон Адамс напишал:
“Проектот за освојување на провинциите Албанија (во оригиналното писмо запишана како Albany, заб. м.), Румелија, Влашка, Молдавија, и Мала Татарија од Турците, и нивната поделба помеѓу двете империи (Австрија и Русија, заб. м.) можеби е поверојатно; но Турците во Азија и Европа подеднакво се многу моќни, и ако потполно се разбудат може да направат огромно спротивставување; така што најверојатно е двата империјални двора да се задоволат со добивањето, преку преговори или со оружје, слободна пловидба по Дунав, Црното Море, и Архипелагот. Оваа слобода самата по себе ќе придонесе за голема револуција во трговијата на Европа.”
(Ibid., p. 86-87)
Како што можеме да забележиме Џон Адамс имал извонредно познавање на приликите и состојбите во Европа и на Балканот во тоа време. Историчарите многу добро знаат дека интересите токму на руската и австриската круна (која подоцна стана австро-унгарска) како што гледаме уште од тој период па низ целиот 19 и почетокот на 20 век биле тие чие совпаѓање, испреплетување и директно спротивставување ќе ги диктираат настаните и случувањата на Балканот и односите на сите народи и земји под владеењето на турската отоманска империја, а особено на Македонија.
Останува фактот дека Џон Адамс, еден од “татковците на САД” и нивниот втор претседател правел јасна разлика и дистинкција помеѓу Македонија и Грција и се залагал со американска помош и двете земји да се ослободат од турското владеење и да создадат независни републики (читај=демократии). Под “Илирик” секако се подразбираат останатите земји од просторите на поранешна Југославија. Од историјата знаеме дека неговиот план делумно беше остварен пред се со напорите на европските фил-хелени коишто ревносно помогнаа Грција да се ослободи од турското владеење но не и дозволија да создаде република или демократија туку и инсталираа кралска монархија од една од европските кралските лози. Од друга страна Македонија наместо добивањето слобода го продолжи своето ропство уште долги години. И во моментите кога со натчовечки напори се правеа востанија и се обидуваше да се дојде до својата слобода и независност потпирајќи се на сопствените сили и непомогната од никого (заради кои принципи жестоко страдаа токму Македонците) Македонија и Македонците и во илинденското востание, и на АСНОМ ја промовираа токму републиканската идеја за која се застапувал и Џон Адамс.
Оригиналниот ракопис од писмото се чува во националната архива на САД.

Гоце Панговски

No comments:

Post a Comment